Серија А: Милан и Интер фуриозни, Рома неубедлива (Видео)

Милан, Интер и Рома се придружија на Јувентус и на Наполи со победи на стартот на новата сезона во Серија А. Но, за разлика од екипите од Милано, од Торино и од Неапол кои постигнаа по три гола за премиерните три бода, римјаните се радуваа на еден против Аталанта во Бергамо што беше дело на Александар Коларов од слободен удар во 31 минута.

Интер на „Џузепе Меаца“ ја совлада Фиорентина со 3:0. Двоен стрелец за тимот на Лучано Спалети беше Мауро Икарди во шестата и во 15 минута, печат на убедливиот настап стави Иван Перишиќ во 79 минута.

Милан, кој во четврток ќе гостува на Шкендија во Скопје во формалниот реванш од плеј-офот за Лига Европа, го порази Кротоне со 3:0. Сите три гола на стадионот „Ецио Скида“ на Калабрија „паднаа“ во период од само 18 минути во првото полувреме. „Росонерите“ поведоа преку Кеси во шестата минута, на 2:0 зголеми Кутроне во 18., третиот погодок беше дело на Сусо во 24.

Џенова на Горан Пандев одигра без голови на гостувањето кај Сасуоло. Капитенот на македонската репрезентација се најде во стартниот тим на Иван Јуриќ и одигра 74 минути. Со идентичен резултат заврши и дуелот на „Олимпико“ каде Лацио го дочека новиот калчолигаш Спал.

Победник немаше ниту во Болоња каде истоимениот домаќин и Торино одиграа 1:1. Сампдорија во Џенова го порази Беневенто со 2:1, а Киево ги понесе трите бода од Удине по победата над Удинезе со 2:1.

Серија А, 1 коло

Интер – Фиорентина 3:0

Кротоне – Милан 0:3

Аталанта – Рома 0:1

Лацио – Спал 0:0

Болоња – Торино 1:1

Сампдорија – Беневенто 2:1

Сасуоло – Џенова 0:0

Удинезе – Киево 1:2

Јувентус – Калјари 3:0

Верона – Наполи 1:3