Тенис: Мугуруза ја „збриша“ Халеп во финалето во Синсинати

Неверојатно финале одигра Гарбине Мугуруза за прва титула во Синсинати, нејзина втора во 2017 година. Шпанската тенисерка едноставно беше немилосрдна кон Симона Халеп нанесувајќи ѝ го еден од најтешките порази во кариерата. Шампионката на Вимблдон ѝ препушти само еден гем на Романката во меч што се најавуваше и очекуваше да биде неизвесен и со три сета, а траеше само 56 минути. Конечни 6:1, 6:0 за вкупно петти ВТА трофеј во нејзината кариера во која има и седум на ИТФ турнирите.

Дека финалето ќе има еднонасочен тек се покажа уште на почетокот. Мугуруза тргна силно и набрзина поведе со 3:0. Халеп успеа да ја прекине низата на 23 годишната тенисерка родена во Каракас, Венецуела, и да намали на 3:1 што подоцна се испостави дека е се што ќе направи во мечот за титулата. Романката имаше и две прилики за брејк, двете во четвртиот гем од вториот сет што четвртата носителка ги одбрани, па откако ја деморализира без потешкотии ја доврши работата.

Во машкото финале доцна вечерва ќе играат Австралиецот Ник Кирјос и Бугаринот Григор Димитров.

ВТА Мастерс во Синсинати/награден фонд 2,536,154 милиони долари

Финале

Мугуруза (4., Шпанија) – Халеп (2., Романија) 6:1, 6:0