АТП Синсинати: Григор Димитров е нов Мастерс победник

Бугаринот Григор Димитров (26) го искористи отсуството на седум тенисери од најдобрите десет на АТП ранг листата во Охајо и се додаде во низата на освојувачи на Мастерс турнири. Моментно деветтиот светски рекет го освои трофејот во Синсинати што е највреден во неговата кариера по шесте титули во серијата 250 и само една во категоријата 500. Во финалето, за час и 26 минути, го совлада темпераментниот Австралиец Ник Кирјос со 6:3, 7:5.

За третата турнирска победа во 2017 година по Бризбејн (победа над Кеи Нишикори) и по Софија (победа над Давод Гофан), Димитров искористи по една брејк прилика во двата сета што му беа доволни за конечен триумф. Кирјос, пак, ги имаше две во текот на мечот, но не успеа да ги претвори во гем. Покрај 1.000 бода, бугарскиот тенисер заработи и чек на 954.225 долари, на Австралиецот му припаднаа 600 поени и 467.880 долари.

Димитров стигна до финале во Синсинати по победите над Фелисијано Лопез, Хуан Мартин дел Потро, Јуичи Сугита и Џон Изнер. Кирјос, пак, ги елиминира Александар Долгополов, Иво Карловиќ, Рафаел Надал и Давид Ферер.

АТП Мастерс во Синсинати/награден фонд 5,627,305 милиони долари

Финале

Димитров (Бугарија) – Кирјос (Австралија) 6:3, 7:5