Дачиќ ќе ги каже причините за повлекување на персоналот на Амбасадата

РТС денеска ја потврди информацијата на македонските медиуми дека целиот персонал од Амбасадата на Србија во Скопје се повлечени на итни консултации во Белград. Но за што се работи јавниот сервис најавува изјава на министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ.

Амбасадорката Душанка Дивљак Томиќ која синоќа пристигнала во Белград за Бета по СМС порака рекла дека не може да зборува за причините, и дека официјална изјава ќе има денеска.

Ниту во македонското МНР нема детали за причините за повлекување на персоналот во српшската амбасада.

Во соопштението се наведува дека добиле допис дека персоналот од амбасадата ќе се повлече на консултации во Белград, но велат дека немаат информации која е причината за ова.

-МНР на Република Македонија денес доби нота од амбасадата на Република Србија во Скопје, со која сме известени дека персоналот на Амбасадата е повикан на консултации во Белград. МНР на Република Македонија не е запознаена со причините за оваа одлука и во тој правец воспоставува комуникација со МНР на Република Србија во насока на утврдување на причините за оваа постапка.

Согласно релевантните одредби на Виенската Конвенција за Дипломатски односи, соодветните институции на Република Македонија преземаат мерки за заштита на безбедноста и интегритетот на амбасадата на Република Србија во Скопје, се вели во соопштението на МНР.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вчеравечер одговори дека „по добиеното известување од МНР дека амбасадата на Србија се повлекува на консултации во Белград, по барање на амбасадата, МВР превзема мерки на зголемена безбедност на нивните објекти“.

Македонија и Србија неколку месеци наназад имаат влошени односи откако министерот за надворешни работи Дачиќ во Атина ја повтори старата изјава дека Србија згрешила што ја призна Македонија под уставното име, со оглед дека земјава го признала Косово и гласала за влез на Приштина во УНЕСКО.

Српскиот претседател Александар Вучиќ, иако првично застана зад Дачиќ, подоцна даде смирувачка изјава.

– Србија тоа го призна, иако Македонија ја призна независноста на Косово, што сигурен сум беше спротивно на волјата на нејзиното население, изјави Вучиќ на прашање на Македонската телевизија, во Вашингтон на 18 јули по средбата со американскиот потпретседател Мајк Пенс.

Што објави Вечерње новости на 1 август

Но на 1 август, кога во Скопје беше бугарскиот премиер Бојко Борисов и беше потпишан Договорот за пријателство мешу Македонија и Бугарија, српскиот дневен весник Вечерње новости објави тект со наслов “Заев режира упад на Срби во Македонија?“, во кој повикувајќи се на неименувани извори во српското разузнавање, пишува дека се подготвува уфрлање на добро вооружена група Албанци од Косово во граничната зона помеѓу Србија и Македонија.

Медиумите блиски до српската власт оваа информација ја пренесоа како медиумска бомба која наводно ги разоткривала плановите на премиерот Зоран Заев за пронаоѓање на виновници за проблемите во Македонија.

-Тие наводно би требало да бидат облечени во униформи на српски специјални полициски и воени единици, а нивна задача би била на непристапните делови ја преминат македонската граница. Оперативците известија дека оваа група според сценариото би била снимена што би довело до дипломатска војна помеѓу двете земји, а на Скопје тоа би му користело како адут Србија да ја обвини за кршење на суверенитетот, сокривање оружје и организирање вооружен бунт на територија на соседна држава, пишува Вечерње новости.

-Планот до кој дојдоа нашите безбедности структури, а кој е познат и на одредени носители на државни функции во Скопје, подразбира обинување на Србија и нејзиното раководство дека имаат територијални претензии кон јужниот сосед и дека работат на дестабилизиација и делење на македонската територија.

Вториот дел од акцијата на компромитирање на Србија и нејзините државни органи би се одиграл преку шпионска афера која би била отворена со “спектакуларна“ акција на апсење на измислена српска мрежа на агенти во Македонија. Ова сценарио подразбира приведување на поранешни пензионирани припадници на службата за безбедност од ЈНА кои останале во Македонија.

Според весникот, иако премиерот Зоран Заев по средбата со српскиот претседател Александар Вучиќ кажал дека се надиминати сите несогласувања, сепак безбедносните информации укажувале дека македонскиот државен врв има интерес да отвори нов пакет на обвинувања на сметка на Србија.

-Зад сето ова стои албанскиот притисок врз македонската влада и посебно очекувањата пред дијалогот на Србија со Косово но и поради отворањето на прашањето за членство на Косово во УНЕСКО.

-Се заканува реална опасност од загрозување на српско-македонските односи, со оглед дека тие во изминатите неколку месеци се сериозно нарушени, наведува Вечење новости.

Стоиљковиќ: Македонија станува сигурна куќа за секој антисрпски гест

Минатата недела претседателот на Демократската партија на Србите во Македонија Иван Стоиљковиќ, која е во коалиција во ВМРО ДПМНЕ во текст објавен во печатеното издание на весникот „Политика“, по наслов „Македонија се врати во деведесеттите“ пишува дека позицијата на Србите во Македонија во однос на Србите во регионот е понезавидна затоа што во оваа држава на мала врата се вратија „деведесетитте”.

-За жал Македонија, како и во деведесетите години пак станува „сигурна куќа“ за секој антисрпски гест и акција – како и во Загреб и во Тирана, олеснувајќи го на тој начин зацврстувањето на послушната власт која ги извршува преземените обврски кон своите покровители“, пишува Стоиљкович, пренесе порталот МКД.мк

Проблемот, смета Стоиљковиќ, настана со тиранската платформа, која „според нас е сериозна поддршка на проектот за „голема Албанија“, а тоа е и јадрото на антисрпската политика на  Западот на Балканот“.

Крајно време е да ги збиеме редовите, да ставиме точка на импровизациите и да воспоставиме стартешки принципи за одбрана на српскиот народ у регионот. Затоа Декларацијата што ја најавуваат претседателите на Србија и на Република Српска, Александар Вучиќ и Милорад Додик, треба да биде темел за зачувување и иднината на нашиот народ“, пишува во колумната објавена во „Политика“, Иван Стоилковиќ, претседателот на Демократската партија на Србите во Македонија.

 

 

Белград ги проблематизира правата на Србите

Александар Чотриќ, пратеник од партијата на Вук Драшковиќ СПО и член на Собранискиот одбор за дијаспора и Срби во регионот, за Танјуг неодамна изјави дека положбата на Србите во Македонија не е најдобро ниво во однос на правата, бидејќи Србите веќе немаат претставник во извршната власт и поради тоа што Иван Стоиљковиќ, кој според него ги застапувал правата на Србите, сега е во опозиција и со тоа не можат „правата на нашите сонародници да се остварат во полн капацитет“.

Од Српската партија во Македонија, му одговорија дека тие се единствен  претставник на Србите во Владата на Република Македонија и дека претседателот Мирослав Јовановиќ е пратеник во Парламентот, дека Власта Димковиќ е заменик министер за земјоделство и дека директор на Дирекцијата за радијациска безбедност е Светислав Ѓорѓевиќ, а партијата ќе добие и други раководни позиции во владини институции, по локалните избори.

-Го молиме членовите на Собранискиот обор за дијаспора и Срби во регионот кои говорат невистини и жалат по Иван Стоиљковиќ кој веќе нема да ги претставува Србите во Македонија да не шират дезинформации туку да се вклучат во решавање на проблемот на Србите во Македонија, бидејќи Српската партија со коалициските партнери е решена да ги врати сите права кои им припаѓаат на Србите во Македонија,се вели во изјавата на Јовановиќ.

Вучиќ денеска на средба со рускиот амбасадор

Случајно или не, српскиот претседател Вучиќ денеска ќе има средба со рускиот амбасадор во Белград Александар Чепурин.

Во најавта на државната агенција Танјуг се наведеува дека по средбата ќе следува соопштение, без детали за што ќе се разговара.