Дебармаалци на протест за безбедноста на улиците

Денеска во 18 часот, жителите на Дебар маало под мотото „Вратете ни ги тротоарите“ ќе протестираат. Протестот е најавен пред зградата на Министерството за култура, а организатор е граѓанското здружение „Во одбрана на Дебар маало“.

За проблемот со блокираните тротоари, нерешениот паркинг простор и лошиот режим на дотур на стока, од здружението со месеци бараат решение од Град Скопје и Општина Центар, но не добија никаков одговор

Во четвртокот токму од комбе за дотур на роба на улицата Антоние Грубишиќ беше прегазена жена.

„Окупираните тротоари, неконтролираното градење, нерешениот паркинг простор и лошиот режим за дотур на роба, го направија маалото небезбедно за живеење. Тоа го покажа и последниот случај кога жена загина, прегазена од комбе за дотур на роба. За две недели е почетокот на учебната година, во непосредна близина се наоѓа основното училиште Коле Неделковски. Со ваква состојба на терен децата не се безбедни кога одат на училиште. Преку мирен протест ќе ги повикаме надлежните да преземат итни мерки за решавање на овој проблем, за кој досега немаа слух“, велат од здружението „Во одбрана на Дебар маало“ .

Општина Центар и Град Скопје досега се изјаснуваа за ненадлежни за овој случај префрлајќи го проблемот од еден на друг. Од Центар тврдеа дека надлежни за ограничување на сообраќајниот режим и дотурот на стока се властите на Град Скопје. Од Градот пак велат дека дотурот на стока е веќе регулиран, а евентуални измени, може да направи Општина Центар.