Жена почина од повреди во автобуската несреќа на патот Скопје-Велес

По автобуската несреќа која се случи денес попладне на автопатот Скопје-Велес една жена почина во Ургентниот центар на скопските клиники.

“Во клиничкиот центар Мајка Тереза се донесени вкупно 17 пациенти од кои четири на Карил.  Еден пациент со абдоминално крварење, еден со сериозна торакална повреда и двајца со повреди на градниот кош. За жал, еден од повредените им подлегна на повредите. Еден пациент е на детска хирургија, внесен итно на операција а двајца пациенти на Неврохирургија, примени на опсервација. Седум лица се на ортопедија на опсервација. Тројца повредени се во моментов на опсервација во Ургентниот хируршки центар”, јавува министерството за здравство.

Помеѓу нив е и деветгодишно дете, во тешка здравствена состојба.

“Детето е препратено на Клиниката за детска хирургија. Двајца пациенти беа примени на одделот за Интензивна нега, за жал еден од нив подлегна на повредите. Тоа е жената која прва беше донесена, со повреди на натколеница, потколеница и подлактица и со повреди на белиоте дробови. Вториот пациент исто така е во критична состојба, со сериозни повреди на градниот кош, нагмечување на ребрата, клучна коска, и крварење во белите дробови”, вели д-р Хасани за СДК.

“На Универзитетската клиника за хируршки болести Свети Наум Охридски се примени шест лица, од кои еден повозрасен маж е на интензивна нега, но е во стабилна состојба. Сите други пациенти се надвор од животна опасност.

Во Општа болница Велес се примени четири пациенти и сите се надвор од животна опасност

Во Градската болница “8 Септември” примен е само еден пациент со сериозни повреди, но е во стабилна состојба и надвор од животна опасност.

Министерството за здравство упатува сочувство до семејството на починатото лице и им посакува брзо опоравување на повредените”, се вели во соопштението на министерството.