МВР: Зголемено е обезбедувањето на објектот на српската амбасада

Сите вработени во српска амбасада во Скопје се повлечени на итни консултации во Белград. Засега нема информации која е причината за повлекувањето. Амбасадата е празна, а обезбедувањето на објектот е засилено.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски за НОВА ТВ кусо изјави  дека „по добиеното известување од МНР дека амбасадата на Србија се повлекува на консултации во Белград, по барање на амбасадата, МВР превзема мерки на зголемена безбедност на нивните објекти“.

Од македонското МНР велат дека денеска биле известени дека персоналот од амбасадата ќе се повлече на консултации во Белград, но велат дека немаат информации која е причината за ова.

„МНР на Република Македонија денес доби нота од амбасадата на Република Србија во Скопје, со која сме известени дека персоналот на Амбасадата е повикан на консултации во Белград. МНР на Република Македонија не е запознаена со причините за оваа одлука и во тој правец воспоставува комуникација со МНР на Република Србија во насока на утврдување на причините за оваа постапка. Согласно релевантните одредби на Виенската Конвенција за Дипломатски односи, соодветните институции на Република Македонија преземаат мерки за заштита на безбедноста и интегритетот на амбасадата на Република Србија во Скопје“, се вели во соопштението на МНР.

Српската амбасадорка Душанка Дивјак Томиќ за агенцијата „Бета“ изјавила дека засега не може да ја коментира ситуацијата и најави дека во текот на утрешниот ден српското министерство за надворешни работи ќе излезе со повеќе информации.