Се проверува исправноста на автобусот и се вршат анализи на возачот

Јавното обвинителство утрово соопшти дека дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Велес синоќа изврши увид на лице место на автопатот Велес-Скопје каде што се случи тешка сообраќајна несреќа во која туристички автобус излета од патот и се преврте.

-Причините за несреќата се утврдуваат. По наредба на јавниот обвинител, од возачот на автобусот е земен примерок на крв за анализа и започна прибирање на трагите пронајдени на лице место. Со оглед на тоа што синоќа временските услови и видливоста на теренот не дозволуваа ова целосно да биде завршено, локацијата се обезбедуваше во текот на ноќта, а утрово продолжи прибирањето на материјалните траги од внатрешноста на автобусот и се врши вонреден технички преглед на возилото, се вели во соопштението.  ​

Ноќеска, Министерството за здравство соопшто дека една жена, патничка од автобусот, почина во Ургентниот центар на скопските клиники.

Фото Фејсбук

-Во клиничкиот центар Мајка Тереза се донесени вкупно 17 пациенти од кои четири на Карил.  Еден пациент со абдоминално крварење, еден со сериозна торакална повреда и двајца со повреди на градниот кош. За жал, еден од повредените им подлегна на повредите. Еден пациент е на детска хирургија, внесен итно на операција а двајца пациенти на Неврохирургија, примени на опсервација. Седум лица се на ортопедија на опсервација. Тројца повредени се во моментов на опсервација во Ургентниот хируршки центар, се вели во соопштението.

Помеѓу нив е и деветгодишно дете, во тешка здравствена состојба.

-Детето е препратено на Клиниката за детска хирургија. Двајца пациенти беа примени на одделот за Интензивна нега, за жал еден од нив подлегна на повредите. Тоа е жената која прва беше донесена, со повреди на натколеница, потколеница и подлактица и со повреди на белиоте дробови. Вториот пациент исто така е во критична состојба, со сериозни повреди на градниот кош, нагмечување на ребрата, клучна коска, и крварење во белите дробови, вели д-р Хасани за СДК.

-На Универзитетската клиника за хируршки болести Свети Наум Охридски се примени шест лица, од кои еден повозрасен маж е на интензивна нега, но е во стабилна состојба. Сите други пациенти се надвор од животна опасност.

Во Општа болница Велес се примени четири пациенти и сите се надвор од животна опасност

Во Градската болница “8 Септември” примен е само еден пациент со сериозни повреди, но е во стабилна состојба и надвор од животна опасност.

Во автобусот на „Бус травел“ кој вчера се преврте при враќањето од Грција биле туристи на туристичката агенција „Савана“. Агенцијата во денешното соопштение вели дека „вчера во вечерните часови, автобусот на превозникот „Бус травел“ од Скопје, кој превезуваше дел (25 патници) од нашите туристи кои се враќаа од летувањата во туристичките места на Халкидики, на делницата од автопатот Велес – Скопје имаше тешка и трагична сообраќајна несреќа. Во оваа страотна сообраќајна незгода, најголем дел од патниците, придружникот и возачот на автобусот, беа тешко повредени и хоспитализирани во болниците во Велес и Скопје, додека една патничка за жал, во болницата сепак им подлегна на здобиените повреди“.