Фудбал, Лига 1: Шест гола на ПСЖ, солзи и дабл-дабл на Нејмар (Видео)

Францускиот вицешампион ПСЖ ја запиша и третата победа во Лига 1 во новата сезона. „Светците“ го разнесоа Тулуз со 6:2 за одржување чекор со Монако и со Сенте Етен на врвот на табелата.

Мечот на „Парк на принцевите“ започна со минута молчење за жртвите во терористичкиот напад во Барселона. Додека фудбалерите беа собрани околу кругот на средина на теренот, во фокусот се најде Нејмар кој неодамна, за рекордни 222 милиона евра, ги напушти Каталонците и кариерата ја продолжи во Париз.

Бразилецот не издржа при оддавањето почит и знаејќи дека објективите и камерите ќе бидат вперени во него, ја наведна главата, ги покри очите и заплака за ужасната трагедија во градот во кој мина четири години.

Нејмар беше и централна фигура за време на 90 минутната фудбалска претстава. Постигна два од шесте гола на ПСЖ во 31 минута и во втората од судиското продолжение и асистира за погодоците на Адриен Рабио во 35 минута и на Лајвин Курзава во 84. Или преведено со кошаркарски речник, крилниот играч на шесткратниот првак на Франција забележа дабл-дабл ефект. Меѓу стрелците се додадоа уште и Единсон Кавани во 75 минута од пенал и Хавиер Пасторе во 82. За гостите од Тулуз реализираа Градел во 18 минута и Жулиен во 78.

ПСЖ од 69 минута играше со фудбалер помалку по исклучувањето на Марко Верати.

Лига 1, 3 коло

ПСЖ – Тулуз 6:2

Олимпик Марсеј – Анжер 1:1

Лил – Каен 0:2

Троа – Нант 0:1

Сент Етјен – Амиен 3:0

Рен – Дижон 2:2

Ница – Генгам 2:0

Монпелје – Стразбур 1:1

Олимпик Лион – Бордо 3:3

Мец – Монако 0:1

Табела: ПСЖ 9, Монако 9, Сенте Етјен 9, Олимпик Лион 7, Олимпик Марсеј 7, Бордо 5, Анжер 5, Троа 4, Монпелје 4, Стразбур 4, Ница 3, Каен 3, Лил 3, Генгам 3, Нант 3, Тулуз 3, Рен 2, Дижон 1, Мец 0, Амиен 0.