Њуз 24/7: Коѕиас се двоуми дали да го посети Скопје

Грчкото Министерство за надворешни работи се двоуми дали шефот на дипломатијата Никос Коѕиас треба да ја посети Македонија, по последните, како што се наведува, „провокации“ на македонски функционери со мапа на „Голема Македонија“, јави грчкиот портал „Њуз 24/7“.

-Одлуката на министерот за надворешни работи да го посети Скопје кон крајот на август, како што вети на средбата со неговиот колега Никола Димитрoв во Атина, се преразгледува. Причината е последниот напад врз Грција на настан во Торонто на кој присуствуваа владини функционери на Скопје, пишува „Њуз 24/7“.

Според „Њуз 24/7“, македонското МНР побарало потврда за намерата на Коѕиас да ја посети нашата земја на 31 август, но до синоќа „не добиле дефинитивен одговор“.

Официјална Атина на 16 август ја обвини македонската Влада дека го прекршила привремениот договор меѓу двете земји од 1995 година, откако генералниот конзул на Македонија Јовица Палешевски „на официјален настан во Торонто говорел на позадина која содржела иредентистичките симболи и мапи“.

-Го осудуваме учеството на генералниот конзул на ПЈРМ во Торонто, Јовица Палешевски на иредентистички настан, учество кое претставува уште едно прекршување од страна на ПЈРМ на Привремената спогодба, со која се бара воздржување од секаква акција со која се поддржуваат територијални претензии, соопшти грчкото МНР, додавајќи дека „на позадината на бината од која Палешески им се обратил на учесниците на настанот, биле прикажани иредентистички симболи и мапа на ПЈРМ која опфаќа и грчка територија“.