Na dobar pat si da postanis uste pogolem srbo-fobicar od tatarive.
Koga albancite,odnosno Kastriot,zasto albanija postoi od 1912 godina, nemale nikakva vrska so pravoslavieto i tolku go mrazele,se prasuvam od kade pravoslavniot dvoglav orel na znameto od Gjerg Kastriot???Eve izvadok,od albanska kniga,prevod na makedonski.Ako se somnevas vo verodostojnosta ke ti go prilozam na albanski:
Ширење на исламот меѓу Албанците
Османлиската власт успеала да го шири исламот меѓу албанското население на Балканот благодарение, од една страна на поделеноста на албанското население меѓу двете христијански цркви и, од друга страна, на фактот дека христијанството не фатило длабоки корени меѓу Албанците. За разлика од другите балкански народи во нивното соседство, Албанците немале единствена црква. На територијата на која живеел албанскиот народ се испреплетувале интересите на римокатоличката црква со седиште во Ватикан и на православната црква со централно седиште во Константинопол (Истанбул). Ниту едната, ниту другата црква не успеале да го наметанат својот авторитет меѓу населението.
По воспоставувањето на османлиската власт ривалството меѓу овие две цркви уште повеќе се засилило – секоја од нив сакала да го зголеми бројот на сопствените верници за сметка на ривалската црква. Отсуството на хармонија, кавгите и тензиите во односите меѓу двете цркви силно влијаеле врз ослабување на позициите на Албанците-христијани, олеснувајќи го ширењето на исламот.
Исламот најнапред го примиле мнозина албански феудалци со цел да ги зачуваат своите богатства и привилегии, па некои од нив дури станале и вазали на султанот. Врз обичните луѓе, кои не сакале доброволно да преминат во ислам, османлиската власт вршела притисок преку зголемување на даноците и на тој начин индиректно ги принудувала да ја прифатат муслиманската вера. Преку исламизацијата на албанското население Османлиите создавале база за регрутирање војници и отварале можност за подршка на својата власт на овие простори.
Ширењето на исламот било отежнато во планинските предели северно од реката Шкумбин, каде населението живеело организирано во кланови, не повинувајќи се на притисоците на Османлиската империја. Непристапниот планински терен и одбојноста на локалното албанско население, ја оневозможувал османлиската власт да ги прибира даноците и да ја шири исламската вера меѓу населението. За да воспостави извесна контрола на оваа територија Високата Порта ги признавала бајраците како посебни административни единици составени од по неколку кланови, на чие чело се наоѓале бајрактари. На бајраците им било премолчено дозволено да продолжат да живеат според традиционалното обичајно право (Канонот на Лек Дукаѓини), без да се почитуваат законите на османлиската држава. Признавањето на овие патријархални закони на бајрактарите им давало различна моќ, меѓу другото да аранжираат бракови, да посредуваат во конфликтите и да ги определуваат казните.
Албанците што живееле во планинските предели јужно од реката Шкумбин ја задржале својата независност и многу често избегнувале да ги плаќаат даноците на империјата. На османлиската власт ? било многу полесно да го контролира албанското население што ги населувале низинските предели и таму да го наметне исламот, доделувајќи им на повидните албански семејства да управуваат со земјишни поседи (тимари) во замена за воена служба. Веќе во XVIII век многу од управниците на тимарите станале големи земјопоседници на чело на економски и политички моќни семејства што се богателе на сметка на трудот на христијанските и муслиманските селани. Беговите, слично на бајрактарите, станале практично независни владетели во своите области, кои располагале и со сопствена војска што од време на време ја користеле и во меѓусебни пресметки за проширување на своите имоти и стекнување поголема моќ.
Посебен феномен е и тоа што кај повидните албански семејства, кои го прифатиле исламот, со тек на време се случила и етничка асимилација – го изгубиле идентитетот и го прифатиле турскиот јазик како сопствен. Тоа им овозможувало да се стекнат со видни придобивки и да градат кариера во Османлиската империја и надвор од територијата населена со Албанци. Така на пример, тие го сочинувале добар дел од османлиската војска и од јаничарите кои биле задолжени за безбедноста на султанот и луѓето околу него. Се смета дека околу триесет големи везири (премиери, први министри) на Османлиската Империја биле од албанско потекло. Во втората половина на XVII век една фамилија дала четири везири, кои се бореле против корупцијата во империјата и му помагале на султанот во борбата против алчните бегови. Еден од најпознатите бил Мехмед Али Паша, кој во XIX век го формирал Египет како независна држава.
Бекташите
Исламот на албанските територии се ширел не само во официјалната варијанта т.е сунитски ислам, туку и во форма на секти или различни тарикати како што биле: Бекташите, Хелветиите, Руфаите и др.
Бекташите се појавиле како дервишки ред во азискиот дел на Османлиската Империја, поточно во Анадолија. За основач на сектата се смета дервишот Хаџи Бекташ, кој се родил во средината на XIII век. Учењето на овој дервишки ред уште од почетокот се разликувало од догматизмот на сунитскиот ислам, проповедајќи љубов, братство и еднаквост меѓу сите луѓе. Жените, непокриени, учествувале во бекташките церемонии на рамноправна основа и во церемониите се користело вино и покрај забраната за алкохол во Куранот.
Неконвенционалноста на Бекташите се огледа и во шегите сочувани во меморијата на балканските народи. На пример, една многу популарна шега гласи вака: “Еден Бекташ бил запрашан зошто светот е полн со ридови, карпи и планини? Зошто не е рамен и мазен насекаде? Ама ајде, одговорил Бекташот, што очекувате од свет создаден само за шест дена?”.
Бекташкиот ред се проширил на територијата на Османлиската империја, а освен во Анадолија и во Истанбул-седиштето на империјата, бекташкиот тарикат бил присутен и во многу делови на Балканот, придонесувајќи за ширењето на исламот на териториите на Албанија, Грција, Бугарија и Македонија. Во почетокот на XIV век на Балканот дејствувал Сари Салтук кој станал една од најпознатите личности на бекташискиот ред. Бекташите се појавиле и биле најактивни во Скопје, Тетово, Призрен, Круја и други градови.
Веќе во XVIII век бројот на бекташите во Јужна Албанија значајно се зголемил. По распуштањето на јаничарската војска од страна на султанот во првата половина на XIX век, бекташкиот дервишки ред бил забранет, бекташките текии затворени и нивните дервиши протерани низ целата Османлиска империја. Тоа придонело бекташите да станат најголема религиска секта во јужниот дел на Албанија. Во доцниот XIX век бекташките водачи одиграле клучна улога во албанското национално движење и се сметаат за многу заслужни за традиционалната толеранција на Албанците кон религиските разлики.
Двоверство
Наметнувањето на исламот најлесно одело во низинските предели по долината на реката Шкумбин каде, заради достапноста на теренот, лесно можело да се применат мерките на притисок врз локалното население. За да ги избегнат високите даноци и опасноста од иселување, многу Албанци биле принудени да ја прифатат муслиманската вера. Така, се случувало еден огранок на семејството да се преобрати во муслимани, а друг огранок да остане христијански, при што, во голем број случаи, целото семејство заеднички ги славело сите религиски празници.
Многу често, преобратените Албанците (конвертити) истовремено ги практикувале и двете вери. Христијанството продолжило да се негува во кругот на семејството, додека пак на јавните места конвертитите се претставувале како муслимани. Јавно ги славеле муслиманските верски празници, оделе во џамии и се довикувале со своите муслимански имиња, додека тајно продолжиле да ги користат и своите христијански имиња и да ги негуваат христијанските обичаи (правеле крштевки, организирале семејни слави и сл.). Како појава, ваквото двоверство било присутно и кај католиците и кај православните христијани.
Востанието на Скендербег
На притисокот од власта за прифаќање на исламот се спротивставиле некои албански феудалци. Најпознат меѓу нив бил Ѓерѓ Кастриоти-Скендербег.
Ѓерѓ Кастриоти бил земен како дете преку данокот во крв (девширме) и преименуван во Искендер. Се школувал како муслиман во училиштето на султанската палата во Едрене, каде учеле само деца на познати феудалци. Во 1438 година султанот го назначил за османлиски управник на Круја, од кога ја добил титулата бег и станал познат под името Скендербег.
Неколку години подоцна, кога во состав на османлиската војска, тргнал да се бори против Унгарците, Скендербег со својата војска ја напуштил битката и се упатил назад кон тврдината Круја. На 27 ноември 1443 година успеал со итрина да влезе во тврдината и веќе следниот ден да го истакне знамето на Кастриотите, со што започнало познатото востание на Скендербег против Османлиите.
Отпорот кој траел 25 години, ја симболизира борбата на Албанците против Османлиската Империја, а Скендербег како негов водач го прави национален херој на Албанците. Истовремено, фактот што Скендербег се откажал од исламот и ? се вратил на христијанската вера му дава и христијански карактер на востанието, прикажувајќи го Скендербег како заштитник на христијанството на Балканот.